Купувањето осигурување е малку поразлично од купувањето на некој друг продукт или услуга. Ако купите парче облека за 2.000 денари и тоа не ви се погоди, ви пропаднале 2.000 денари. Но, ако купите полиса од 2.000 денари, без да сте добро информирани од што го штити вашиот дом а од што не, ризикувате да ви пропаднат многу повеќе пари, кои сте можеле да ги заштите со избор на соодветно осигурување.
Кога купувате полиса, вие всушност и плаќате на Осигурителната компанија да ги преземе од вас ризиците од штета што би се случила на вашиот дом. И токму затоа, ризиците од кои ве осигурува полисата мораат да бидат земени предвид во комбинација со цената, за да може да одлучите која понуда е најдобра за вас. И не само ризиците, туку и на кои сегменти на домот се однесуваат, во колкав износ е обештетувањето и дали постојат некакви исклучоци и ограничувања.
Компа за вас ги „соџвака“ овие клучни работи кои треба да ги проверите при избор на полиса и да донесете добар и информиран избор на осигурување.
1. Што е осигурено со полисата или Предмет на осигурување
Пред да зборуваме за тоа „од што“ ве осигурува полисата, треба да видиме „што“ е осигурено од тие ризици. Ова во осигурувањето се нарекува Предмет на осигурување.
Во секоја полиса, основен предмет на осигурување е Градежниот дел на објекот – ѕидовите со вградената електрична, топловодна, водоводна и канализациона инсталација. Ова како предмет го има во секоја полиса и околу тоа не треба многу да се грижите, освен ако вашиот објект е од специфичен тип на градба која не е цврста градба. Во тој случај, неопходно е оваа информација да ја доставите до компанијата бидејќи за објекти од мешовита градба условите за осигурување се инакви.
Втор најважен предмет на осигурување се секако Предметите во домаќинството или стварите. Кога станува збор за Домаќинско осигурување, се подразбира дека се осигурени и стварите во објектот, така што и ова секогаш ќе биде составен дел од вашата полиса.
Еден мошне важен случај во кој треба убаво да се информирате околу осигурувањето на стварите е кога купувате или сте купиле стан на кредит, со хипотекарен кредит. Во тој случај, бидејќи банката полага право на станот до негова исплата, таа секогаш ќе инсистира тој да е осигурен, но тоа се однесува само на градежниот дел, бидејќи стварите не се во нејзина сопственост. Затоа, ако имате полиса поради стамбен кредит, големи се шансите дека таа го покрива само Градежниот дел а не и покуќнината. Затоа е добро, доколку сте вселени во станот, да извадите самостојно Домаќинско осигурување со кое се покриени и стварите во станот и таа да ја приложите во банката. Оваа полиса банката ќе ја прифати бидејќи секако со неа е осигурен градежниот дел, што за банката е најважно.
Како предмет на осигурување во полисите за Домаќинско осигурување најчесто се среќава и Одговорност за штети причинети кон соседи – што е мошне важен и корисен предмет на осигурување, бидејќи во случај кај вас да се случи настан кој ќе го оштети домот на некој од соседите, вашето осигурување и нему ќе му ја покрие штетата. Ова е посебно корисно за еден од најчестите случаеви – излевањето на вода од водоводна инсталација. Но бидејќи е и најчест случај, често во полисите е со ограничен опфат и добро е да го проверите тоа (види во точка 4.)
Уште еден предмет на осигурување е и т.н. Нужно сместување на членовите на семејството кои живеат во објектот во случај поради штетата да е оневозможено нивното останување во домот. Ова може да биде добредојдено во случај на поголеми или поспецифични штетни настани. Во таков случај, полисата покрива одредена сума која би се искористила за привремено сместување.
2. Која е максималната сума во случај на штета или Суми на осигурување
За секој од Предметите на осигурување, во полисата се зададени тн. Суми на осигурување, или максимални суми до кои би одела исплатата во случај на штета. Имајте предвид 2 важни работи. Прво, ова се суми во случај на максимални штети и тие не ви следуваат во случај на било каква штета. Штета ја проценува проценител од компанијата и предлага исплата која е доволна домот да се донесе во првобитната сосотојба како пред штетата. Второ, за некои од ризиците овие суми се ограничени со понизок лимит од максималниот (најчесто кај кражба или излевање).
Овие суми се мошне слични кај речиси сите компании. Градежниот дел најчесто се зема со вредност од 500 евра по м2, па за да ја добиете максималната сума на исплата ќе треба да го помножите овој износ со квадратурата на станот. Сумата на осигурување за стварите е најчесто 30% од овој износ. Одговорноста кон соседите е 10% од сумата за градежнито дел, а нужното сместување околу 5%. Иако мошне често последниве два предмети во некои компании се дефинирани како фиксни суми наместо како процент, износот е приближно ист.
Имајќи предвид дека Сумите на осигурување се слични кај сите компании, веројатно повеќе ќе ви биде важно кои се ограничувањата или лимитите за истите, но сепак е добро да фрлите едно око и на самите суми.
3. Од што се осигурени предметите на осигурување или Ризици
Доаѓаме и до ризиците кои се веројатно најважниот критериум во споредбата на понудите за домаќинско осигурување. Како што кажавме, не е доволно само да сте осигурени, туку клучно е од што сте осигурени или во случај на кои штетни настани компанијата е должна да ви исплати средства за враќање на домот во првобитна состојба.
При анализа на опфатените ризици, не е доволно само да го гледате нивниот број. Важно е да процените колку се релевантни за вас. Доколку живеете на повисок спрат во зграда, ризиците како поплава од поројни води (различно од излевање од инсталации), вандализам, пад на дрво може да не се толку релевантни за вас.
Исто така, земете предвид и колкав е импактот што секој од ризиците може да го направи врз домот. Излевање од водоводни инсталации, во случај на подигнување на цел паркет во станот може да направи значајно поголема штета од неколку други ризици што можеби ги има во понуда која не опфаќа излевање.
Затоа, нашиот совет тука е следниот. Најпрво, направете листа на ризици кои сметате дека се најважни за вашиот дом. Потоа, пронајдете ги понудите кои ги имаат тие ризици. И конечно, видете дали можеби некоја од тие понуди е со подобра цена поради отсуство на ризик кој не е релевантен за вашиот дом или пак нуди нешто екстра за кое сметате дека исто така може да ви е добредојдено (пр. незгода на членови на семејство, гратис патничко, домашна асистенција).
Иако наоѓањето на сите овие понуди ви делува како напорна и долга работа, сега со помош на Компа можете на еден клик да ги добиете точните цени на сите понуди за Домаќинско на пазарот.
4. Исклучоци, лимити и ограничувања
Без да се земе предвид овој критериум, претходните 3 се непотполни. Затоа што често во полисите се случува осигурените предмети, ризици и суми да имаат исклучоци од важност, лимити на исплата и ограничување на траењето на осигурувањето. Затоа треба да внимавате и на овие работи:
Исклучоци – се однесуваат и на предметите и на ризиците и укажуваат во кој случај штетата нема да се смета за осигурена, односно компанијата не е должна да ја надомести. На пример, кај ризикот пожар – речиси ниту една полиса не покрива случаи кога пожарот настанал од заборавена цигара, пегла, рингла во станот. Вакви исклучоци има кај различни ризици и предмети и треба да сте свесни за нив.
Лимити – ова се лимити на Сумите на осигурување. Во голем број случаеви, кај ризиците како излевање од инсталации или кражба, сумите на осигурување се лимитирани и помали од максималните. Причина за ова е што токму овие штетни настани се најголем товар за осигурителната компанија, и затоа компаниите во ова гледаат начин да се заштитат но и да успеат да ја задржат достапната цена на продуктот за клиентите. Вие секогаш имате можност да изберете повисоко покритие од понуденото за поголема цена на полиста. Иако добар дел од овие лимити во најголем број од случаевите ќе бидат доволни за санација на причинетата штета во вашиот дом и враќање во првобитна состојба, сепак добро е да сте запознаени со нив за во случај на штета да нема недоразбирања помеѓу вас и осигурителната компанија.
Каренца – одложување на почнувањето на важност на одреден ризик. Со цел да се заштитат од случаи на купување полиса по настанат штетен настан, за одредени ризици, компанијата става почеток на важност од 30 дена по вадењето на полисата. Ова најчесто се однесува за онлајн вадење полиса и само за мал број на ризици како излевање.
Франшиза – ова е учество на осигуреникот во случај на штета. Кај некои ризици како на пример кражба или кршење стакло, често компаниите знаат да стават услов на учество на осигуреникот во штетата, која може да биде во износ на 100 или 200 евра. На тој начин тие го намалуваат ризикот кој го преземаат, но и се штитат од мали штети кои носат голем административен трошок иако сумата за исплата е мала.
Иако и ова ви делува комплексно, не се грижете, Компа го соџвака и ова за вас. Со избор на секоја понуда можете лесно да ги видите сите клучни работи за секој ризик и секој предмет на осигурување (види слика погоре).
5. Начин на обработка штета – експедитивност, ефикасност
Овој критериум исто така треба да го земете предвид, бидејќи и покрај јасно дефинираните услуги, важно е да се земе генералната пракса на постапување на компанијата во случај на штети и тоа за специфичниот тип на осигурување. Во ова ќе ви помогнат рецензиите од страна на корисници кои може да ги видите на интеренет, на социјалните мрежи и слично. Земете предвид дека некогаш овие рецензии се базираат на неинформираност на корисниците односно неприлагодени очекувања, но генерално можат да бидат добар индикатор за ефикасноста на компанијата во решавање на штети.
Ако успеавте сето ова да го прочитате до крај, честитки, сега сте сремни за добар и информиран избор на полиса за домаќинско осигурување. А ако пак ви се виде премногу за читање, без грижа. Како што веќе споменавме, Компа сето ова го има направено наместо вас – анализа и споредба на сите понуди врз основа на критериумите наведени погоре. Ваше е само да ги разгледате нашите картички, да ги свртите и споредите и да може да сте сигурни дека сте донеле информирана одлука и вистински избор да го осигурате вашиот дом.
Осигурaj го твојот дом уште денес!
Започни со Домаќинско осигурување, а Компа ќе е со тебе низ целиот процес. На брз и лесен начин до посакуваната полиса.